Поетот што нѐ убедуваше дека треба добро да си ја познаваме нашата македонска историја
Повод: 115 години од раѓањето на Никола Јонков Вапцаров
На денешен ден, 7 декември 1909 година, е роден Никола Јонков Вапцаров, еден од најзначајните македонски национални дејци помеѓу двете светски војни и еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија. Како поет останува запаметен по песните „Земја“ и „Илинденска“, кои се одликуваат со македонски национален патриотизам. Како македонски национален и културен деец Вапцаров останува запаметен и по рефератот со кој се конципира идеолошката и национална дејност на Македонскиот литературен кружок. Меѓу другото, во овој реферат, Вапцаров го нагласил лозунгот за „слободна и независна Македонија“ како програмски стремеж, а наедно и нагласил: „Ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала искра од благороден патриотизам, овојпат треба да го впрегнеме, ропски да го впрегнеме за да понесеме дел од тежината на едно дело и жестоко величие на една епоха“.
Револуционерната македонска средина влијаела на бунтовничкиот карактер на Вапцаров
Никола Јонков Вапцаров потекнува од македонско патриотско и револуционерно семејство, неговиот татко е Јонко Вапцаров, истакнат македонски револуционер и војвода од илинденскиот период, соработник на Јане Сандански, а учествува и во фамозната афера „Мис Стоун“. Револуционерната македонска средина влијаела на бунтовничкиот карактер на Никола Вапцаров, како и на љубовта кон Македонија како негова татковина.
Вапцаров почнал да пишува уште додека работел во фабриката во Кочериново, каде што напишал една драма за експлоатацијата на работниците. Неговата книжевна дејност продолжила и по преселбата во Софија, каде што своите песни ги објавувал во напредните весници и списанија. Во тој период, неговата песна „Романтика“ ја добила наградата на анонимниот конкурс во списанието „Летец“, а исто така победил и на конкурсот за радиодрама, но откако било откриено кој е авторот, драмата не била поставена. Подоцна, кога малку се поправила неговата материјална положба, Вапцаров ги собрал своите песни и ја објавил збирката „Моторни песни“. Притоа, тој ги обиколувал издавачите во Софија, но никој не сакал да ја објави книгата, така што тој и сопругата зеле пари на заем и ја објавиле книгата како сопствено издание.
За да се скрие од власта, тој се потпишал само како Никола Јонков. Според сведоштвото на неговата сопруга, во тој период, името на Вапцаров било игнорирано не само од официјалната туку и од прогресивната книжевна критика. И покрај тоа, Вапцаров бил многу ценет од неговите другари и уживал голема популарност кај прогресивните читатели, а неговите песни биле често рецитирани на многубројните забави и вечеринки.
Обид за атентат
Поради членството во Бугарската комунистичка партија, Вапцаров паднал во немилост на профашистичите реакционерни сили во Бугарија. Најпрвин, во 1933 година, тој бил тепан од страна на функционери на ВМРО поради неговите политички дејствувања. Според сведоштвото на Георги Караславов искажано во „Средби и разговори со Никола Вапцаров“ (Софија, 1961), припадниците на ВМРО на Иван Михајлов извршиле неуспешен атентат врз Вапцаров на патот меѓу Горна Џумаја и Бараково, кога „непознати“ лица пукале во Вапцаров, но не успеале да го погодат.
Најпрвин, Караславов сметал дека причината за атентатот била тоа што Јонко Вапцаров бил „протогеровист“ и противник на михаиловистите или, пак, можеби поради тоа што Никола му помагал на својот татко.
Но самиот Никола Вапцаров му кажал дека обидот за убиството бил поради неговата комунистичка активност во фабриката во која работел. По неуспешниот атентат врз него, Вапцаров напишал писмо до Ванчо Михајлов, прашувајќи го зошто сакаат да го убијат, а овој настан подоцна го инспирирал да ја напише стихотворбата „Песна“.
Категорија: Ран Век